21.10.2025
Сабриу : Во едно општество што се стреми кон напредок, фриленсерите се моторот на новата економија, оттука важноста за нивен влез во системот на социјално осигурување
Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на Третата меѓународна конференција за фриленсерство „Freelance is for Freedom”, во организација на Македонската фондација Импакт. На настанот учествуваа домашни и меѓународни експерти кои споделија свои искуства и визии за иднината на фриленсерството и присуствуваа повеќе од 200 фриленсери.

Во своето обраќање пред присутните Сабриу рече дека фриленсерите се луѓе што не чекаат можности — туку ги создаваат. Луѓе кои докажуваат дека талентот нема адреса.
„Можеш да живееш во Битола, Кратово, Струга, Боговиње, а да работиш за Лондон, Берлин, Њујорк или Токио. Тоа е фриленсерството. Тоа е моќта на слободниот труд!“, нагласи Сабриу.

Тој се осврна на постоечките законски можности, недостатоците на системот и заложбите на министерството кое во изминатиот период заедно со релевантните институции, граѓанскиот сектор и поддршка од Европската Комисија, подготви предлог законски одредби и модели на плаќање на придонеси, а со цел влез на нестандардно самовработените лица - фриленсерите во системот на социјално осигурување.
„Во едно општество што се стреми кон напредок, фриленсерите се моторот на новата економија – тие внесуваат свежина, иновација и глобална поврзаност. Поддршката кон нив не е само признание за индивидуалниот труд, туку и инвестиција во иднината на модерното, дигитално општество,“ порача Сабриу.