Шахпаска: Децата во Лозово добиваат исти услови како децата во големите градови, новата градинка ќе згрижи 32 деца, за нас сите се еднакви

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на отворањето на новата детска градинка „Срцко“ во Општина Лозово. Таа изрази големо задоволство што токму на Светскиот ден на човековите права, 10 декември, отворањето на новата градинка е во знак на почитување и вреднување на еднаквоста на сите граѓани во нашата држава, вклучително и децата.

„Денес на Светскиот ден на човековите права, потврдуваме дека за нас сите граѓани се еднакви, дека за нас сите граѓани треба да уживаат исти права, вклучително и децата. Децата во Лозово ќе имаат исти услови како децата во големите градови. Инвестираме во предучилишното образование, затоа што тоа ја гради основата на еден млад детски организам кој понатаму во текот на своето образование треба да прерасне во градител на нашата татковина“, изјави министерката Шахпаска.

Градинката „Срцко“ има капацитет да згрижи 32 деца, поделени во две групи. За нејзина изградба и опремување Министерството за труд и социјална политика, инвестираше средства во износ од околу 13 милиони денари. Градинката е објект кој е граден по светски стандарди, со енергетски ефикасна фасада и објект кој ќе овозможи пријатен престој на децата и возрасните.

Министерката Шахпаска потенцираше дека Министерство за труд и социјална политика продолжува со инвестициите во раниот детски развој, преку отворање на нови градинки и зголемување на опфатот на деца во нив, со цел исполнување на Владината програма место за нови 7500 деца во нив, до крајот на мандатот.

Таа на вработените во градинката им посака успех во работата и им порача да работат посветено и одговорно  затоа што од нивниот ангажман и вложување во вистинска едукација на младите ја остваруваат својата мисија.

Градоначалникот на Општина Лозово, Ацо Велковски, истакна дека отворањето на детската градинка е решавање на децениски проблем на жителите на оваа општина, за предучилишно воспитание и образование на нивните деца, во местото каде живеат. Притоа ја истакна важноста и  во поглед на развој на општината, како рурална средина и можностите кои се отвораат за развој на раниот детски развој на децата, кој  е од големо значење за понатамошниот развој како личности.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->