Шахпаска: Законот за спречување и заштита од дискриминација во дискриминаторските основи ги вклучува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, за нас сите граѓани се еднакви

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на онлајн настан како дел од завршната конференција во рамки на проектот „Сексуална ориентација и родов идентитет (СОРИ) - Заштита од дискриминација“, во организација на Институтот за човекови права.

Министерката ја потенцираше важноста од носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој претставува законско решение за кого гласаа заедно и власта и опозицијата, што е вистински сигнал дека нашето општество се движи во вистинска насока.

„Законот за спречување и заштита од дискриминација во дискриминаторските основи ги вклучува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. За нас сите граѓани се исти и секој има право да се определи како се чувствува и треба да биде почитуван затоа што е различен. Убавината на општеството ја прават различностите“, истакна министерката Шахпаска.

Таа воедно зборуваше и за активностите и политиките кои во моментот се реализираат, како што е Акцискиот план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата, а она на кое треба да се работи периодот кој доаѓа е Евалуација на стратегијата за еднаквост и недискриминација која што ќе претставува темел за создавање на нова стратегија. Воспоставувањето на СОС линијата за ЛГБТ заедницата и првиот шелтер центар за лицата од ЛГБТ заедницата се дел од проектите кои се реализирани.

Министерката го истакна значењето на секој од нас од својата позиција, а особено вршителите на јавни функции, граѓанскиот сектор, да придонесат во овозможувањето на уживање на сите права на еднакви основи за сите граѓани, како правото на образование, здравствена заштита, правата на учество во јавниот и политичкиот живот. Таа додаде дека без разлика дали се работи за лица од ЛГБТ заедницата, лицата со попреченост, политичари или работници, дискриминација не смее да постои.

Таа сосема на крајот го потенцираше успехот на нашата земја на картата на Reinbow за 2020 година карта која ги рангира земјите во однос на напредокот во почитувањето на лицата на ЛГБТ заедницата, каде сме рангирани на 33 позицијата односно бележиме скок за 12 позиции во однос на минатата година.

„Тоа значи дека нашата земја сериозно чекори во имплементацијата на човековите права како еден од условите да станеме рамноправен член на големото европско семејство", заклучи Шахпаска.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->