30.09.2024
Средба Лимани-Колумбија: Поддршката на ООН во земјава со зголемена динамика во реализација на проектите од кои придобивка имаат граѓаните
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска оствари средба со новата постојана координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбија, со која разговараа на повеќе теми кои се во надлежност на Министерството, но пред се, за имплементацијата на Целите за одржлив развој за земјава, под покровителство на светската организација, како и за Националната развојна стратегија.
Соговорниците разговараа за важноста на воспоставувањето на родовата еднаквост во општеството, подобрување на демографската слика во државата и вклучувањето на младите во креирањето на политиките кои играат клучна улога во социо-економскиот развој на општеството.
Од страна на постојаната координаторка Колумбија, беше искажана поддршка во сите области кои ги покрива Министерството, за кое како што нагласи опфаќа навистина клучни сектори, како што се грижата за ранливите категории, лицата со попреченост, децата, лицата во социјален ризик, но и вложувањето во човечкиот капитал.
Министерот Лимани посочи дека во фокусот на работењето на министерството се демографијата и младите, за кои се креираат целосно нови сектори, а тоа значи и подигнување на важноста на овие области во државата.
Соговорниците искажаа подготвеност за потесна соработка и на техничко ниво помеѓу Агенциите на ООН во земјава и Министерството, со цел реализација на проекти од кои придобивка имаат граѓаните.