25.03.2025
Студиска посета на претставници на локалната самоуправа, социјални и институции за заштита на деца и граѓански организации од Украина во Северна Mакедонија
На студиска посета во Република Северна Македонија од 24 до 28 март, се претставници на локалната самоуправа, социјални и институции за заштита на деца и граѓански организации од Украина.

Целта на посетата е размена на искуства поврзани со тековните реформи во социјалната заштита помеѓу институции, организации и стручни лица од Украина и Северна Македонија, особено во поглед на:
-трансформацијата на поранешните резиденцијални институции во современи даватели на социјални услуги во заедницата;
-постигнувањата и научените лекции од спроведувањето на проектот во двете земји; и
-улогата на локалната самоуправа во системот за социјални услуги во двете земји – постигнувањата, предизвиците и научените лекции.
Согласно агендата за реализација на студиската посета денеска во Министерството за социјална политика, демографија и млади претставниците од Украина одржаа работна средба со државниот секретар Фатмир Сабриу, шефицата на Кабинетот на министерот, Флутра Калиси, државната советничка Дрита Аслани и претставници на СОС Детско село.

Покрај работната средба во министерството, претставниците од Украина ќе реализираат посети на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства на СОС Детско село, мали групни домови при Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври“ – Скопје и згрижувачки семејства.