08.08.2025
Усвоен Националниот акциски план за правата на децата (2025–2029) - системски исчекор за заштита и унапредување на детските права
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека е усвоен Националниот акциски план за правата на децата за периодот 2025–2029 година. Националниот акциски план за правата на децата е создаден со јасна цел – унапредување на животните услови на децата, овозможувајќи им здрава, безбедна и среќна иднина. Преку овој план, се поставува основа за заштита на нивните права, создавање еднакви можности и промовирање на нивниот развој во средини што ги поттикнуваат нивните потенцијали. Детската перспектива е во срцето на оваа иницијатива, водени од нивните гласови, потреби и аспирации. Целта на овој сеопфатен, мулти-секторски документ е создавање на средина каде што правата на децата се целосно почитувани, заштитени и промовирани.

Документот е резултат на инклузивен и партиципативен процес на креирање, во кој беа вклучени бројни државни институции и граѓански организации, како и самите деца, чиј глас беше суштински дел од процесот. Акцискиот план е подготвен со поддршка на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и во соработка со УНИЦЕФ.
Со усвојувањето на овој стратешки документ, државата прави значаен исчекор во исполнувањето на обврските преземени кон Комитетот за правата на детето на ООН, како и во реализацијата на Европската гаранција за правата на децата. Планот е целосно усогласен со Националната развојна стратегија 2024–2044 и е дел од активностите предвидени со Патоказот за владеење на правото, усвоен од Владата на Република Северна Македонија во декември 2023 година.
Особено значајна компонента на Планот е иницијативата за воспоставување национален механизам за координација и следење на неговата имплементација, преку измена и дополнување на Законот за заштита на децата. Со ова, ќе се формира специјализирано тело за следење на правата на децата, кое ќе има задача да ја координира имплементацијата на Планот, но и да обезбеди системски надзор врз спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето на ООН.
Во оваа насока, Планот директно одговара и на препораките содржани во Скрининг извештајот и Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија кон ЕУ за 2024 година, каде Европската комисија нотира потреба од посилен институционален капацитет, стратешки документи и функционален механизам за заштита на правата на децата.
Со овој План, Министерството за социјална политика, демографија и млади ја потврдува својата цврста заложба за создавање општество во кое секое дете е заштитено, слушнато и вклучено во одлуките што го засегаат неговиот живот.