10.12.2024
Велковски: Нулта толеранција за насилството во било каква форма, вклучително и она во дигиталниот свет
По повод Меѓународниот ден на човековите права, заменикот министер на министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, учествуваше на дебата насловена: „Сајбер насилство кон жените и младите во дигиталната ера“ во организација на Кризниот центар „Надеж".
Во своето обраќање до јавноста Велковски го истакна значењето и сериозноста на сајбер насилството кое ја рефлектира не само динамиката на современото општество, туку и потребата за заеднички и координирани напори за заштита на најранливите.
„Сајбер насилството е форма на агресија која остава длабоки трауми, влијае врз менталното здравје и безбедноста на луѓето и создава чувство на беспомошност, особено кај жените и младите, кои честопати се најчестите жртви. Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, ние сме целосно посветени на справувањето со оваа појава. Нашиот пристап е јасен, нулта толеранција за насилството во било каква форма, вклучително и она во дигиталниот свет,“ истакна Велковски.
Тој посочи на што треба да се работи периодот кој доаѓа, како зајакнување на законската рамка за да се обезбеди казнивост за сите облици на сајбер злоупотреба, но и на унапредување на механизмите за поддршка и заштита на жртвите. Исто така ја посочи едукацијата како клучна односно како младите безбедно да се движат низ дигиталниот простор, да препознаваат знаци на насилство и да ги пријавуваат сите случаи.
„Сајбер насилството врз жените е родово базирана дискриминација која ја нагласува потребата за системски пристап во борбата за родова еднаквост. Тоа е уште еден повик за итно спроведување на Конвенцијата од Истанбул, како и за создавање политики што ќе осигураат ниту една жена да не биде оставена сама во оваа борба,“ истакна Велковски.
Тој додаде дека нужно е создавање општество што ќе понуди поддршка, заштита и превенција. Притоа ја наведе соработката со граѓанскиот сектор, образовните институции, но и со ИТ-компаниите, со цел да се обезбеди конкретни и одржливи решенија.
„Сајбер насилството не е само индивидуален проблем туку закана за целото општество. Борбата против ова насилство мора да биде наш заеднички приоритет. Затоа апелирам до сите институции, граѓански организации, медиуми и приватниот сектор да се здружиме и да го изградиме дигиталниот простор како безбедно и праведно место за сите,“ порача Велковски.