13.02.2025
Завршена темелната реконструкција на главната кујна во градинката „Срничка“, во Општина Аеродром
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски заедно со в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, извршија увид во реконструкцијата на главната кујна во детската градинка „Срничка“, во објектот „Чекорче“.

Во насока на подобрување на условите во предучилишните установи, целосно обновениот простор, сега е во согласност со највисоките стандарди за хигиена и безбедност во подготовката на храна.
Овој проект опфати комплетна санација на кујнскиот простор, вклучувајќи промена на плочките, рушење и адаптација на ѕидови за подобра организација, како и замена на дотраената водоводна и електрична мрежа. Со оваа реконструкција, создадени се оптимални услови за подготовка на свежи, здрави и квалитетни оброци за децата.

Покрај градежните зафати, кујната е целосно опремена со нова, професионална апаратура, која ќе им овозможи на вработените во градинката ефикасно и непречено да ги извршуваат своите работни обврски. Инвестицијата за опремата изнесува 2.731.712 денари, обезбедени во соработка со Светска банка.

„Како министерство, остануваме посветени на создавање подобри услови во градинките низ државата, затоа што секое дете заслужува квалитетна грижа и здрава исхрана. Оваа инвестиција е само уште еден чекор во правец на подобрување на стандардите во детската заштита, а нашата заложба за унапредување на предучилишното воспитание и образование продолжува со ист интензитет,“ порача Велковски по направениот увид.