Работна посета на делегација од Црна Гора во Министерството за труд и социјална политика
Претставници од Министерството за труд и социјална политика денес остварија работна средба со делегација од Министерството за економски развој на Црна Гора, предводена од г-ѓа Даниела Шуковиќ, Началничка на Дирекцијата за безбедност и здравје при работа во Директоратот за работа и вработување. На средбата беа разменети мислења и споделени искуства за поголем број на актуелни теми и прашања поврзани со безбедноста и здравјето при работа во двете држави.
Некои од прашањата и областите за кои се дискутираше на средбата помеѓу македонските и црногорските претставници се однесуваа на нашите искуства поврзани со процесите на креирање на политики од областа на БЗР, консултациите со засегнатите страни и субјекти при ревидирање и унапредување на законската рамка, инволвирањето на невладиниот сектор во креирањето и спроведувањето на политиките од оваа област, потоа се дискутираше за функционирањето, улогата и начинот на работа на националниот Совет за БЗР во Република Северна Македонија, за искуствата околу издавањето лиценци и овластувања на правни субјекти, за контролата на квалитетот на услугите во однос на проценките на ризици, обуките, спроведувањето на здравствените прегледи на вработените итн.
Претставниците од Црна Гора ги споделија и своите искуства поврзани со процесот на преговори за членство во Европската унија, соработката и интеракцијата со Европската комисија.
Двете страни заклучија дека иако состојбите во делот на безбедноста и здравјето при работа во двете држави од регионот не се идентични, сепак постојат голем број на сличности, при што и во двете земји се јавуваат исти или слични предизвици во поглед на ефикасната имплементација на законските одредби од оваа област.
На крајот на средбата беше истакната потребата и силната заедничка подготвеност за продолжување на понатамошната меѓусебна соработка во областа на безбедноста и здравјето при работа помеѓу двете земји и надлежните институции.
Делегацијата од Црна Гора е во дводневна посета на Република Северна Македонија, во рамките на која ќе остварат повеќе средби и состаноци со различни институции, организации и компании преку кои ќе имаат можност да се запознаат и да споделат искуства за прашања во делот на БЗР.