16.07.2023
МТСП: Од утре до 25 јули продолжува портокаловата фаза во цела држава-се препорачува ослободување од работа на најранливите категории население
Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
![](content/images/2019/LOGO/mtsp_logoo_content1.png)
Целата територија на нашата држава продолжува да биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза и затоа продолжуваат мерките со времетраење од утре, 17 јули до 25 јули.
Општите мерки кои треба да се почитуваат се следниве:
Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се - бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика апелира на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.
Истовремено, Владата заклучи лицата ослободени од работни обврски да работат од дома (on-line), доколку работниот (техничко-технолошкиот) процес го дозволува тоа.