26.07.2023
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Фондациите Барка и Сизигија
Центарот за социјални претпријатија во Скопје, кој се отвори преку проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ финансиран од Европската Унија и со поддршка на Министерството за труд и социјална политика продолжува со работа.
![](content/images/2023/juli/26_7/слика 2 соц..jpeg)
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика претставуван од министерката Јованка Тренчевска и Фондациите Барка и Сизигија кои се новите имплементатори на проектот.
Значајна е и финансиска поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје која денеска потпиша Договор за соработка со двете Фондации.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на почетокот од своето обраќање се осврна на одбележувањето на шеесет години од земјотресот во Скопје, реобновата на градот преку солидарноста и хуманоста , а токму тие се дел од принципите за развојот на социјалните претпријатија.
![](content/images/2023/juli/26_7/слика 3 соц..jpeg)
„Министерството за труд и социјална политика докажа дека е посветено во делот на поддршката на социјалното претприемништво преку усвојувањето на првата Стратегија за развој на социјални претпријатија усвоена во септември 2021 година. Го развивме и Националниот Центар за поддршка на социјални претпријатија кој е дизајниран да функционира како инкубатор за поддршка на постојните и на новите социјални претпријатија, но и за подигање на знаењето и свеста кај сите засегнати страни за социјалната економија и социјалните претпријатија во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Поддршка на социјалните претпријатија“, истакна Тренчевска.
Амбасадорот на Република Полска во Скопје, Кшиштоф Гжелчик изрази задоволство од остварената соработка и ја нагласи поддршката на Република Полска во развојот на социјалното претприемништво.
„Горд сум што проектот кој го финансира нашата амбасада не само што го помага развојот на социјалното претприемништво, туку и како инспирација ги користи полските достигнувања, решенија и искуства во ова поле. Во долгорочна перспектива проектот ќе доведе до поголема социјална и професионална интеграција на луѓето кои се во ризик од маргинализирање, ќе создаде работни места и ќе обезбеди социјални услуги добри за општеството и локалниот развој“, изјави амбасадорот на Република Полска во Скопје, Желчек.
![](content/images/2023/juli/26_7/слика 4 соц..jpeg)
На денот на кој Скопје го одбележува денот во кој солидарноста имаше огромно значење, во Центарот за социјални претпријатија фокусирани се на поддршка на солидарната економија. Центарот продолжува со работа и во него можат да се обратат сите организации кои се активни во ова поле на работа.
Проектот „Поддршка на развојот на социјалните претпријатија“ е финансиран од Амбасадата на Република Полска, а имплементатори се фондациите „Барка“ и „Сизигија“.