21.07.2023
Тренчевска на тема на денот: Задоволен работник е продуктивен работник
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва беше гостинка во Тема на денот на дневникот на Сител Телевизија. Главен фокус на разговорот на нејзиното гостување беше општиот колективен договор и придобивките кои вработените во јавниот сектор ги имаат.
![](content/images/2023/juli/21_07/1_slajd.jpg)
„После 15 години потпишуваме нов општ колективен договор кој им овозможува на вработените во јавниот сектор поголеми права“ рече Тренчевска.
Таа посочи дека целта на колективниот договор е да ги задржат во институциите добрите работници, а притоа да им се зголеми платата. Таа истакна дека со ова ќе се придонесе кон подобра и побрза испорака на услугите со што ќе може да се зборува и за задоволни граѓани од работата на јавната администрација.
![](content/images/2023/juli/21_07/2_jpg.jpg)
Во однос на недоразбирањата со нерепрезентативните синдикати министерката го изјави следното
„Целиот дијалог за да го потпишеме договорот беше во рамки на ЕСС таму учествуваа репрезентативниот синдикат и репрезентативната организација на работодавачи, но покажавме волја ние како Влада заедно со синдикатите да ги вклучиме и нерепрезентативните синдикати како што се СОНК и КСС“.
Таа објасни дека после две години соработка тие ја напуштија работната група и дека поради лични интереси беа истакнати одредени недоразбирања.
Министерката исто така информираше дека јавната администрација оваа година ќе добие регрес за годишен одмор од 10.000 денари и дека истиот во 2024 година ќе продолжи да расте. Таа исто така посочи дека со овој колективен договор ќе бидат вратени и јубилејните награди.