Пријавување за почетна едукација
Стручните работници, вработени во установа за социјална заштита или кај друг давател на социјална услуга, кои работат директно на давање на социјалната услуга, треба да поседуваат лиценца за вршење стручна работа во дејноста социјална заштита.
Еден од условите за издавање на лиценца за вршење стручна работа во дејноста социјална заштита, е стручниот работник да има поминато/завршено почетна едукација спроведена согласно со Програмата за континуирана професионална едукација на стручните работници, во установите за социјална заштита и кај други даватели на социјални услуги. Согласно оваа Програма, ЈУ Завод за социјални дејности спроведува:
- Почетна едукација за стекнување со општа лиценца и
- Почетна едукација за стекнување со посебна лиценца за водител на случај.
Согласно член 238, став 1 од Закон за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 294/21, 99/22, 236/22 и 65/23) стручен работник до стекнувањето на лиценца за работа, а најдоцна во рок од 6 месеци од неговото вработување, задолжително треба да ја помине почетната едукација.
Согласно член 238, став 2 од Закон за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 294/21, 99/22, 236/22 и 65/23) на стручниот работник кој по истекот на 12 месеци од неговото вработување не обезбеди лиценца за работа, му престанува работниот однос во установата за социјална заштита, освен ако не е спроведена почетна и континуирана едукација за издавање на лиценца за вршење стручна работа во дејноста социјална заштита.
Пријавувањето за почетна едукација на стручните работници се врши со пополнување на:
- Пријава за вклучување во почетна едукација (образец);
- Уверение за дипломирање/диплома за завршено високо образование;
- Решение за распоредување на работно место на давател на јавна услуга (за вработените во јавни установи);
- Договор за работа за вработените кај други даватели на социјални услуги /приватни установи за социјална заштита и М1/М2 образец и
- Решение/дозвола за вршење на работа во дејноста социјална заштита кај други даватели на социјални услуги/приватни установи за социјална заштита.
Барањето и сите потребни документи се приложуваат скенирани на меилот на Комисијата за лиценцирање: licenciranjezsd@mtsp.gov.mk.
Одржувањето на почетната едукација, се врши најмалку два пати годишно, согласно бројот на пријавени стручни работници за присуство на почетна едукација.
Истите добиваат покана со точен распоред на датум и време, материјали за почетна едукација, како и линк за приклучување на почетната едукација, на функционалните е-маил адреси, кои ги доставиле во Пријавата за вклучување во почетна едукација.
Термините за почетна едукација се објавуваат во делот Известување. Доколку не добиете покана за почетна едукација три дена пред почетокот на истата, согласно објавените термини, а за истата сте претходно уредно пријавени, обратете се на следниот меил: licenciranjezsd@mtsp.gov.mk.
НАПОМЕНА: Почетната едукација се смета за завршена доколку стручните работници присуствуваат на сите 5 предвидени едукации.
Потврдата за завршена почетна едукација, по службена должност се издава и се припојува кон документите во поднесеното барање.