08.03.2023
Тренчевска за ТВ 24: Родовата еднаквост е борба за сите нас, таа не признава политичка припадност
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска гостуваше во емисијата Студио 10, на Телевизија 24, каде што ги пренесе клучните пораки за родовата еднаквост во општеството, работата на институциите и соработката со граѓанските организации на ова важно прашање.
Денеска за првпат во историјата во Собранието се одржува пленарна седница посветена на успесите и неуспесите во делот на родовата еднаквост во последните 20 години. Ќе се одбележи и 20-годишнината од основањето на Клубот на парламентарките.
![](content/images/2023/mart/ACE_7042_1-01.jpeg)
Таа посочи дека, пратеничките се оние кои се изборија да се одржи ваква седница на која ќе се зборува за положбата на жените во државата, за тоа каде бевме и каде сме и каде сакаме да бидеме, за повеќе права.
„Родовата еднаквост е борба за сите нас, таа не признава политичка припадност,“ истакна министерката Тренчевска во Студио 10 на ТВ 24.
![](content/images/2023/mart/ACE_7034_1-01.jpeg)
Тренчевска зборуваше и за бројот на жени застапени во Владата, Собранието, локалната власт.
„Имаме 51 жена од 120 пратеници или 42% што е над европскиот просек. Но, не можеме да се пофалиме со успех на застапеноста на жените во извршната власт - има само 5 министерки и две заменички. Во локалната самоуправа во советите имаме добри резултати, но разочарувачки е бројот на градоначалнички - само две од 81 општина, вели Тренчевска.
Таа појаснува дека ова е резултат на квотата за правична застапеност на жените, или афирмативна акција. Тренчевска посочи дека се покажа дека квотата е нужна затоа што кај нас се уште нема свест за родова еднаквост.
„Апсолутно треба да се стремиме жени да бидат на највисоките функции вклучително и за првпат да имаме жена претседателка на државата,“ порача Тренчевска.