05.10.2023
Тренчевска: Владата раководена од луѓе кои поддржуваат еднаквост и недискриминација, го гарантира правото на слободен избор на граѓаните
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од воведните излагања на регионалната Конференција на високо ниво „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија за жени и девојчиња” каде домаќин е Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија, во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
![](content/images/2023/oktomvri/3а_slajd.jpg)
Тренчевска на почетокот од своето обраќање се заблагодари за честа да ја отвори конференцијата истакнувајќи дека само со заедничка работа и долгогодишно искуство може да се постигне успех.
„Поголем мотив за учество на оваа конференција ми дава тоа што токму ова прашање е обликувано по теркот на успехот на имплементацијата на родовата еднаквост во нашата држава. Не се работи за тоа дека ова е мојата омилена тема за дискусија и не се работи за тоа дека мојата долгогодишна посветена работа и експертиза може да придонесе кон решавање на предизвиците со кои се соочуваат жените. Туку се работи за текот на борбата, која води еден чекор напред и потоа нѐ тера да ги преиспитаме, зацврстиме и повториме сите претходни чекори, за да бидеме сигурни дека патот кој го трасираме не е само една убава слика пред граѓаните, туку бенефит за секој од нив “ рече Тренчевска.
![](content/images/2023/oktomvri/1.jpg)
Во своето излагање министерката го искажа своето уверување дека државата предводена од луѓе чии темели на работа се солидарноста, праведноста и еднаквоста можат да ги гарантираат правата на жената.
„Оваа Влада чии темели на работа се еднаквоста, праведноста и солидарноста еден од првите чекори кои ги направи беше промената на Законот за прекин на бременоста. Овозможувајќи и го правото на жената да одлучува за своето тело. Жал ми е што вакво основно човеково право треба да го наведеме како успех, жал ми е што е потребна законска измена за да и гарантираме на една жена дека има право и дека заслужува да одлучи за себе. Меѓутоа со раководство кое препознава и работи на измени кои гарантираат слободно живеење во сопствената држава не се плашам за прашањето за имплементирање на еднаквите можности и на жените и на мажите“ истакна Тренчевска.
Таа рече дека Министерството за труд и социјална политика останува да биде расадник за идејата за еднакви можности и истакна дека ѝ претставува чест што е дел од првата борбена линија во Владата раководена од луѓе кои поддржуваат еднаквост и недискриминација со што се гарантира сигурноста на секој еден за избор за сопственото тело и за посебноста на начинот на живот.