25.09.2023
Хусејин: Протоколот за постапување со деца со дијабетес ќе придонесе за подобра едукација на сите вклучени во процесот на воспитание и образование
Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, учествуваше на настан по повод промоција на „Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училишта и детските градинки“ изработен од страна на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК со поддршка од Министерството за здравство и стручни лица од Клиниката за детски болести.
![](content/images/2023/septemvri/zamenik/viber_image_2023-09-25_14-32-17-990.jpg)
Протоколот претставува прв стручно изработен и рецензиран протокол за постапување наменет за 700 деца со дијабетес тип 1 во нашата земја кои што редовно посетуваат детски градинки, основни и средни училишта.
По тој повод заменик министерот Хусејин, во своето обраќање ја истакна заложбата на Владата и министерство за обезбедување на квалитетни услови за воспитание и образование на децата.
„Грижата за децата и вложувањето во најмладите е наш приоритет, затоа што тоа е влог во иднината на државата. Тие се идните градители на нашето општество, на идните политики и стандарди. За посветената работа во унапредувањето на детската заштита потврдуваат и фактите дека од 2017 година досега отворени се 81 објект – детски градинки и 12 центри за ран детски развој. Тоа претставува опфат на околу 5900 деца вклучени во предучилишниот процес,“ истакна Хусејин.
![](content/images/2023/septemvri/zamenik/viber_image_2023-09-25_14-32-16-944.jpg)
Заменик министерот посочи дека покрај вложувањето во инфраструктурниот дел за зголемување на капацитетот и опфатот на децата во предучилишниот процес, Владата работи и на реформите за подобрување на квалитетот на предучилишното образование.
„Основен и мошне значаен дел од животот на секое дете е да е прифатено од средината без разлика на неговата состојба и начин на живот. Затоа Министерството за труд и социјална политика силно ја поддржува инцијативата на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК која со поддршка на Министерството за здравство и стручни лица, од Клиниката за детски болести, го осмисли и реализираше проектот за креирање на „Протокол за постапување со деца со дијабетес во училишта и детски градинки“, рече Хусејин.
Прирачникот е наменет за наставниот кадар во градинките и училиштата и ќе придонесе за подобра едукација на сите вклучени во процесот на воспитание и образование и ќе ги упатува за постапување со децата со дијабетес.
„Министерството за труд и социјална политика како и досега така и понатаму ќе ги подржува сите инцијативи кои имаат за цел унапредување на детската заштита и правилниот раст и развој кај децата,“ порача Хусејин.