27.08.2021
Шахпаска: Во Струмица го зголемуваме капацитетот на детските градинки за нови 362 места
Денес министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, направи увид во градежните работи на две градинки во Струмица. Во првата градинка, „Детска радост “ клон 2, доградени се 4 занимални за деца. Со оваа доградба, капацитетот на градинката ќе се зголеми за 55 деца, кои ќе бидат сместени во во две јаслени групи од 0 до 2 години, и две групи за деца од 2 до 4 години. Ова проширување се направи на вкупна површина од 164m2.
![](content/images/2021/strumica/strumica_1.jpg)
Втората градинка на која министерката направи увид е во финална фаза, со што наскоро 307 деца од општина Струмица ќе добијат нова детска градинка. Според новите просторни услови на оваа градинка се обезбедува и можност за реализација на концептот – учење преку игра. Дечињата ќе бидат распоредени во 14 групи и 3 јаслени групи. Новата градинка претставува еколошки објект и во текот на изградбата беа имплементирани највисоките стандарди за енергетска ефикасност. Објектот за загревање ќе користи природен гас со што се намалуваат емисиите на CO2, а изграден е и систем на соларни панели. Таа е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка.
![](content/images/2021/strumica/strumica_2.jpg)
„Предучилишното образование претставува темелот за подготовка на учениците. Преку процес на игра, учење на основните елементарни принципи за однесување, социјализицаја, за дружење, за прифаќање на различностите. Истовремено работиме и на подобрување на професионалните капацитети на вработените во градинките преку обуки кои ги организира Министерството за труд и социјална политика заедно со нашите меѓународни партнери“, рече министерката Шахпаска.
![](content/images/2021/strumica/strumica_5.jpg)
„И понатаму ќе ги следиме потребите, ќе ги решаваме проблемите и ќе обезбедуваме соодветни услови за правилен раст и развој на децата од нашата општина“, изјави градоначалникот Коста Јаневски.
Со изградбата на нови градинки и со проширување на постоечките се овозможува пристап за што поголем број деца до квалитетна услуга што е цел на социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика.