Заев и Шахпаска: Градиме системски решенија за најранливите граѓани да добијат домување, пристап до здравство, образование и вработување

Претседателот на Владата Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ЕУ амбасадорот во земјата Дејвид Гир, пратеничката Латифа Шиковска и претставници на граѓанските организации и на општините имплементатори на проектите, го најавија почетокот на реализација на проекти за домување на Ромите.

„Станува збор за четири грантови во вкупна вредност од околу 3,2 милиони евра за период од 3 години во општините Прилеп - во населбата Тризла, во Битола - во населбата Баир, во ромските маала во општините Штип и Берово, и во општина Кичево“, објасни премиерот Заев и додаде дека проектите се во рамките на Инструментот за претпристапна помош – ИПА 2, кој Владата го спроведува со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.

Премиерот Заев рече дека овие проекти се остваруваат благодарение на иницијативата „Интеграција на Ромите 2020“, во рамките на која, на предлог на нашата земја како членка на иницијативата, на Самитот за Западен Балкан во Познањ во 2019 година беше усвоена Декларација на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во процесот на проширување на ЕУ.

„Со оваа декларација нашата земја ги поттикна лидерите од регионот да ја прифатат потребата од заедничка заложба за засилување на напорите за интегрирање на ромската популација, како една од најранливите групи во општествата во регионот. Благодарение на оваа декларација и на иницијативата „Интеграција на Ромите 2020“ дојдовме до стартот на реализацијата на проектите што денеска ги објавуваме во делот на Домување и во делот на постигнување услови за легализирање на неформалните населби каде што живеат Ромите“, истакна премиерот Заев кој се заблагодари за поддршката на ЕУ и додаде дека во Буџетот за 2021 година се издвоени 62 милиони денари за поддршка на имплементацијата на Годишните оперативни планови од Стратегијата на Ромите.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска  истакна дека целта е да се овозможи подобрување на социо-економската инклузија на Ромите со подобар пристап до јавните образовни, здравствени услуги и пристап на пазарот на труд.

„Со проектот во Прилеп, во населбата Трисла ќе се легализираат куќите на 700 ромски домаќинства, ќе се легализираат имотите на 5.000 Роми во населбата Баир во Битола, во Штип ќе се легализираат 1.027 куќи и 40 куќи во Берово. Се опфаќа и изградба на нови живеалишта, во Штип 50 куќи, во Кичево 30 станови, а истовремено ќе има реконструкција на 50 куќи во Прилеп и 15 куќи во Берово“, рече министерката Шахпаска и додаде дека во делот на образованието, со програмата туторство после училиште, ќе бидат поддржани 200 ученици Роми, а ќе се работи и на зголемување на вработувањето  на 150 Роми, преку различни програми за вработување.

Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјата Дејвид Гир истакна задоволство што презентираните проекти во голем дел ќе го подобрат животот на ромската заедница и додаде дека заедничка цел е да создадеме еднакви можности за ромското население. Амбасадорот Гир посочи дека финансирањето на ЕУ останува на располагање за поддршка на ваквите активности.

Пратеничката Шиковска ги истакна своите заложби за да застапува и да иницира решенија кои што ќе бидат во корист на најранливите категории на граѓани.

На настанот беа презентирани четирите проекти од страна на Сашко Николов, градоначалникот на Штип, Себихан Демировски од Здружение за  поддршка на маргинализирани групи „Ромски Ресурсен Центар“, Талија Петреска од Центар за граѓански иницијативи и Гоце Богоевски од COSV.

Проектите опфаќаат легализација на нивните куќи, подобрување на инфраструктурата и безбедни услови за живот, поправка и реконструкција на нивните домови, вработување на млади Роми, поддршка на Роми ученици со туторство после училиште, како и подигнување на свеста за еднакви права и пристап до здравствена заштита.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }