28.05.2021
Шахпаска: Разловци ја добива својата прва градинка, се грижиме за секое дете без разлика дали е од градска или рурална средина
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски направија увид во градежните работи на новата детска градинка во село Разловци, Општина Делчево.
![](content/градинка 4.jpg)
„Согласно направениот увид на новиот објект, градежните работи се завршени, градинката е опремена и наскоро ќе започне со прием на деца. За реконструкција, адаптација и опремување на новиот објект, Министерството од својот буџет издвои средства во висина од 4 милиони денари. Градинката има капацитет да згрижи 20 деца на возраст од 2-6 години“, информираше министерката.
Таа посочи дека иако капацитетот на новиот објект не е голем, значајна е пораката која се испраќа, грижата за секое дете, без разлика дали се наоѓа во градска или рурална средина.
![](content/градинка 3.jpg)
„Како Влада и Министерство за социјална политика сериозно работиме на зголемување на опфатот на деца во процесот на предучилишно воспитание и образование. За неполни 9 месеци, со градинката во село Разловци отворивме 12 градинки со вкупен капацитет од 700 деца, а до крајот на годината планирани се уште 13 објекти со капацитет од 1400 деца во нив“, рече министерката.
Градоначалникот на Општина Делчево, Трајковски посочи дека иако селото Разловци е најодалеченото село во Општината, тоа е и село со најголем број жители, каде опстојува и фабрика и каде гравитираат жители и од соседните општини.
![](content/градинка 2.jpg)
„Затоа сметаме дека отворањето на градинката, освен за децата кои ќе бидат згрижени и ќе се подготвуваат за училишните клупи, ќе значи многу повеќе за родителите кои ќе знаат дека додека тие се на работа, нивните деца се згрижени и со нив посветено ќе се работи по програми наменети за соодветната возраст на дечињата.
Тој изрази благодарност до Министерството за труд и социјална политика и министерката Шахпаска, за слухот и брзиот одговор на потребите на жителите на село Разловци. Исто така тој упати благодарност и до одговорните лица во ООУ „Св.Климент Охридски“ кои излегоа пресрет и ја препознаа потребата и значењето на инвестиците во раниот детски развој и овозможија детската градинка во Разловци да се отвори во училишната зграда за што се ослободија две училници.